Телекомуникацискиот оператор Вип, вчера ја одбележа 5-годишната успешна работа на македонскиот пазар. Пред стотици гости во скопскиот хотел Александар Палас, Робин Шарма, операторот Вип го опиша како пример за компанија која постигнува успеси на пазарот и чест е да се биде присутен на нејзиниот роденден.
„Треба да се оддаде почит на компанијата која веќе 5 години создава лидери на секое ниво и што работи како една од најдобрите компании во Македонија“, посочи Шарма и потенцираше дека на добрите вработени им треба добар пример и инспирација, а не титула за да станат лидери.
„Лидерството не е титула туку начин на размислување, а вистинските лидери ги мотивираат, а не ги тероризираат своите вработени“, рече Шарма. За компаниите да постигнат успех и за еден лидер да се оцени како успешен, треба да создаде многу лидери на секое ниво во компанијата. За тоа, според Шарма не е потребна титула, ниту пак висока позиција во компанијата.
ВИП на македонскиот пазар, пред 5 години влезе како трет оператор. Во моентов има над 600.000 корисници и се наоѓа на втората позиција на пазарот. Според главниот извршен директор на компанијата, Никола Љушев, резултатите од изминатите години се одлични бидејќи имаат огромен број задоволни корисници, но и вработени. Вип има тим од 300 млади луѓе, кои својата компанија ја прогласуваат за најдобар работодавач три години по ред.
„Повеќе од 600.000 корисници, задоволни вработени, најсовремени апликативни решенија на пазарот, модерна мрежа и грижа за заедницата се петте најголеми успеси за петгодишната работа на македонскиот пазар“, рече Љушев.