
Неодамнешните топлотни бранови низ Европа би можеле да го забават економскиот раст во Европа оваа година и да го намалат бруто домашниот производ (БДП) за половина процентен поен, покажа извештајот на „Алијанц Рисрч“.
Во овој поглед, економските аналитичари на „Алијанс“ споредија еден ден со температури над 32 степени Целзиусови со половина ден штрајкови, објави „Ројтерс“.
Агенцијата истакнува дека во Европа, ваквите загуби на БДП би се движеле од 0,1 процентен поен за Германија до дури 1,4 процентни поени за Шпанија, каде што летните температури се околу десет степени повисоки.
Глобално, топлотните бранови би можеле да го намалат БДП за 0,6 процентни поени оваа година, соопшти „Алијанц“.
Поради прекумерната топлина, Кина, Шпанија, Италија и Грција би можеле да доживеат загуби на БДП од речиси еден процентен поен, додека во Соединетите Американски Држави падот би можел да биде околу 0,6 процентни поени, а во Франција до 0,3 проценти, според извештајот на „Алијанца“.
Екстремните температури, исто така, ја намалуваат продуктивноста на трудот, а Меѓународната организација на трудот предвидува дека топлотниот стрес ќе го намали вкупниот потенцијален број работни часови ширум светот за 2,2 часа до 2030 година.
Климатските промени ја зголемуваат фреквенцијата и интензитетот на топлотните бранови, сушите и шумските пожари, со далекусежни економски последици.
Загубите на продуктивноста поради топлината можат да се ублажат со структурни мерки за подготовка на градовите и прилагодување на работните места, објавија експертите на „Алијанц“.











