Високите даноци за богатите се враќаат во Северна Европа

41

По пандемијата, скандинавските земји се во првите редови на светските економии, кои ќе се обидат да ги натераат богатите луѓе да финансираат повеќе јавни финансии по тешкотиите во последните години.

Во Норвешка, Работничката партија, која победи на изборите минатиот месец, сака да го укине намалениот данок на богатство во земјата, воведен од претходната коалициска влада предводена од Конзервативците. Во исто време, Данска предлага „најбогатите 1%“ да платат повеќе даноци за дивиденди и капитални добивки за акции. И финската влада се подготвува да воведе данок „заминување“ за богатите имигранти.

Додека администрацијата на Џо Бајден се обидува да ги зголеми даноците за Американците кои заработуваат повеќе од 400.000 американски долари, нордиските земји не се сами во свртувањето на вниманието кон богатите по глобалната криза, која нанесе несразмерен удар врз вработените со ниски плати во време кога берзите и имотот на недвижностите силно пораснаа.

Со новата нееднаквост што ја остави пандемијата, промената во регионот е сигнал за желба за враќање на поеднаква основа, финансирана од традиционалниот модел на високи даноци, што владите почнаа да го ограничуваат како и многу развиени економии.

„Долгорочно, гледаме надолен тренд на даноци што се наметнуваат главно на богатите“, изјави за Bloomberg, Сара Перет, економист во Центарот за даночна политика и администрација при Организацијата за економска соработка и развој. „Сега гледаме зголемен интерес од владите за оданочување на луѓето со највисок приход и најголемо богатство“, додаде таа.

Скандинавските земји имаат повеќе искуство од другите во оданочувањето на богатите, што доведе до контроверзии откако некои од нивните најбогати граѓани побараа засолниште во други земји како алтернатива за плаќање премногу.

„Сега кога левичарските влади се на власт, треба да очекуваме повеќе левичарски политики“, вели Сана Куронен, економист на Форумот за бизнис и политика во Хелсинки.

Оданочувањето на богатите сега е повторно политичко прашање во секоја земја во регионот, иако не секој избира да го зголеми товарот во моментов.

Норвешко затегнување

Работничката партија, која преговара за формирање нова владејачка коалиција, вети дека ќе го зголеми данокот на богатство за повеќе од 1,7 милиони круни (197.000 американски долари) до 1,1%, од сегашните 0,85 отсто, за богатство над 1,5 милиони круни. Највисокиот данок ќе биде 1,3% за средства над 20 милиони круни.

Данокот се наведува како главен фактор за решенијата на богатите Норвежани кои емигрирале, се вели во истражувањето спроведено во мај на консултантска куќа NHHS, спроведено на 400 такви граѓани.

Финско решение

Од 2023 година во Финска, емигрантите ќе треба да платат данок за нереализирани капитални добивки акумулирани за време на нивниот престој во земјата, доколку имаат какви било средства. Министерката за финансии, Аника Саарико овој месец објави дека данокот може да ги зголеми приходите за околу 25 милиони евра.

Извештајот од 2020 година од Министерството за финансии советуваше да не се воведува таков данок бидејќи би било тешко да се спроведе во пракса, ќе го искомплицира системот и на крајот ќе влијае на премалку луѓе.

Дански профит

Владата на премиерката Мете Фредериксен сака да ги оданочи најбогатите граѓани во земјата за да финансираат мерка што ќе ги мотивира постарите вработени да останат на работа и да ја зголемат понудата на работна сила.

Данците ќе мора да платат данок од 45% за добивка од акции во износ поголем од 56.500 круни (9.000 американски долари) годишно, наместо 42% сега. Стапката за профит под овој праг ќе остане 27%.

„Во време на доста висок раст на берзите, сакаме да платите мала сума дополнителни даноци ако имате многу голем профит“, рече министерот за финансии Николај Вамен пред новинарите во Копенхаген минатиот месец.

Одложувачите

Шведска, најголемата скандинавска економија, го укина данокот на богатство во 2007 година, бидејќи не ги даде очекуваните резултати. Минатата година, владата се откажа од мерката за оданочување на најбогатите по притисокот од либералните партии.

Социјалдемократската министерка за финансии Магдалена Андерсон, која се очекува да го смени актуелниот премиер Стефан Левен во ноември, побара дополнителен данок за милионерите, но предлогот има мала поддршка во парламентот.

Во исто време, на изборите во Исланд минатиот викенд, социјалдемократите беа меѓу најголемите губитници откако бранеа данок на богатство. Премиерката Кетрин Јакобсдотир, чие движење Лево зелено, исто така, ги влоши своите перформанси, сакаше прогресивен данок на капиталните добивки.