Високите температури ја “зовреа“ побарувачката за уреди за разладување

40

Штом живата на термометарот го надмине 30-от степен веднаш се вклучува “алармот“ кај луѓето да бараат соодветен начин да се разладат и освежат од високите температури.

Вообичаено е во текот на летните месеци во продавниците за апарати за домаќинство да се зголеми побарувачката за клима уреди и вентилатори.

“И минатото лето беше слично и ова… Имаме зголемување на побарувачката на клима уреди и вентилатори за околу 10 до 20%. Купувачите доаѓаат кај нас и спасот од горештините го бараат кај нас со некој уред за разладување“, вели Виктор П., сопственик на продавница за бела техника.

Вели дека не им е толку важна марката и производителот, туку повеќе одбираат клими што ќе им го разладат просторот во којшто живеат или работат, а и да им одговара на буџетот што го одвоиле за таа намена.

“Забележавме и тренд според возраста, па така помладите најчесто одбираат клима уред, а поголем интерес за вентилатори има кај повозрасните. Еден муштерија во години ни рече дека се одлучил за вентилатор, бидејќи живее сам, па му е полесен за поставување, поевтин и поедноставен за ракување“, додава Виктор П.

Тој вели дека цените на клима уредите се движат од 15.000 денари, па нагоре, што значи дека може да се купи и поевтина верзија, а да ја врши својата функција. Цените на вентилаторите, пак почнуваат од 800 денари, па нагоре.

“Сè си има свое, па така е и со електронските уреди, нивниот квалитет и капацитет. Со клима уредот полесно се постигнува саканата температура, се разладува поголем простор, но потребно е да бидат исполнети одредени услови за нејзино монтирање и одржување. Во последните неколку години, се разви понудата и на вентилатори, па освен обични има и такви на вода, коишто даваат поголем ефект и побрзо разладување“, додава тој.

Фото: Pexels