Виталиа со здрава храна ги освојува пазарите на трети земји

74

Македонскиот производител на здрава храна, Виталиа од Скопје, од неодамна започна со пласман на своите производи во Саудиска Арабија, Австралија и Монголија, соопштуваат од компанијата. Со тоа бројот на извозни пазари на Виталиа ја достигна бројка 30, и тоа најмногу во региони што не се традиционални дестинации за македонските фирми – како Блискиот исток и Азија.

“Токму т.н. трети пазари се голем неискористен потенцијал за македонските извозници. Оттука нашиот фокус во наредниот период е проширување на извозот на тие простори“, вели Искра Ветаџокоска – Муцунска, косопственик на Виталиа.

Таа додава дека планираат годинава да ја завршат со 50% поголем извоз во однос на лани благодарение токму на големиот пробив на новите пазари.

Виталиа во своето портфолио има 220 производи под сопствен бренд и производство, а  на пазарите во Австралија, Саудиска Арабија и Монголија ќе се претстави со 70 производи од сите 11 производни категории и тоа цереалии, диететика, вегетеријански производи и функционална храна.

“Редовниот настап на меѓународните саеми ни овозможи на најефикасен начин да го представиме брендот Виталиа на светската сцена и да ги доближиме нашите производи до консументите ширум светот. Досегашниот успех се темели на квалитетот, иновативноста и модерниот атрактивен дизај со кои се карактеризираат нашите продукти. Но значителна помош во маркетирањето на македонските производи на странските пазари е токму јакнењето на брендот Made in Macedonia. За тоа потребна ни е подршка од релевантите државни институции во организирање на добро осмислени и дизајнирани национални штандови каде заеднички ќе се представат извозните компании и ќе го зајакнат имиџот на нашата држава како извор на квалитетни продукти“, истакнува Ветаџокоска – Муцунска.