Витамини, цинк, селен, магнезиум, пробиотици… што сè користеле Македонците да се заштитат од Ковид-19

Пандемијата ги промени нашите навики и многумина од страв и претпазливост повеќе користеа различни додатоци во исхраната со надеж дека ќе го зајакнат имунитетот и ќе останат подалеку од коронавирусот.

Организацијата на потрошувачите на Македонија спроведе истражување, коешто покажува дека 88,5% од испитаниците употребуваат додатоци на исхраната во текот на пандемијата со Ковид-19, додека 11,5% од испитаниците не употребуваат додатоци на исхраната.

Од испитаниците, 41% потврдиле дека користеле додатоци на исхраната пред почетокот на пандемијата, додека 11,5% не користеле додатоци на исхраната, а приближно 30% одговориле дека ретко користеле додатоци на исхраната пред појавата на пандемијата со Ковид-19.

Интересно е да се напомене дека приближно 18% од испитаниците користеле додатоци на исхраната пред почетокот на пандемијата исклучиво по потреба, односно кога постоела соодветна индикација. Приближно 54% од испитаниците започнале да употребуваат додатоци на исхраната по препорака на здравствен работник (лекар, фармацевт или диететичар), додека 20% од испитаниците започнале да применуваат додатоци на исхраната по препорака на пријател, а речиси 31% од испитаниците при менувале додатоци на исхраната бидејќи се информирале преку печатени или електронски медиуми или други извори на информации.

Од аспект на безбедноста при употребата на додатоците на исхраната, значително висок процент на испитаници, околу 92%, не забележале промени и несакани ефекти врз здравјето, додека 8% од испитаниците пријавиле дека почувствувале некоја промена или несакан ефект врз своето здравје. Најголем број од испитаниците, 87%, додатоците на исхраната ги набавувале од аптека, 5% од испитаниците додатоците на исхраната ги набавувале преку интернет-продажба, 17% од продавници за здрава исхрана, а останатите 5% од други места.

Најголем број од испитаниците, 87%, користеле додатоци на исхраната кои содржат витамин С, 87% од испитаниците употребувале додатоци на исхраната кои содржат витамин D, 14,8% од испитаниците употребувале додатоци на исхраната кои содржат витамин А, а 13,1% употребувале додатоци на исхраната кои содржат витамин Е.

Висок процент од 70,5% од испитаниците пријавиле дека употребуваат додатоци на исхраната кои содржат цинк, а приближно 37% пријавиле дека употребуваат додатоци на исхраната на база на селен. 49,2% од испитаниците употребувале магнезиум како додаток на исхраната во услови на пандемија со Ковид-19, а 31% од испитаниците употребувале пробиотици.

Приближно 60% од испитаниците направиле консултација со здравствен работник во однос на употребата на додатоци на исхраната пред да започнат да ги применуваат, додека околу 40% од испитаниците самостојно и без консултација со здравствен работник се одлучиле да ги применуваат додатоците на исхраната. Најголем процент, 54,1%, од испитаниците изјавиле дека пред да започнат со примена на додатоци на исхраната се консултирале со фармацевт, 33% изјавиле дека се консултирале со доктори по медицина, а останатиот процент одговорил дека се консултирал со диететеичари или нутриционисти.

Од аспект на честота на употреба на додатоците на исхраната во текот на пандемијата со Ковид19, само 5,3% од испитаниците употребиле додатоци на исхраната еднаш, приближно 30% од испитаниците употребувале додатоци на исхраната во период од неколку последователни месеци, а приближно 26% од испитаниците употребувале додатоци на исхраната повремено. Релативно ви сок процент, околу 40%, употребувале додатоци на исхраната постојано, во текот на целата пандемија.

Од испитаниците, 87,4% се изјасниле дека употребуваат додатоци во исхраната во превентивни цели, додека 16,8% од испитаниците се изјасниле дека употребуваат додатоци на исхраната во терапевтски цели. Од аспект на квалитетот и безбедноста на додатоците на исхраната, 82,1% од испитаниците сметаат дека додатоците на исхрана се квалитетни и безбедни, додека 17,9% сметаат дека тие не се безбедни и квалитетни.

Висок процент од 86% од испитаниците сметаат дека потрошувачите не се доволно информирани за ефикасноста и безбедноста на додатоците на исхраната, додека 14% од испитаниците сметаат дека се информирани за ефикасноста и безбедноста на додатоците на исхраната.

Фото: Freepik