Визијата на Илон Маск за тунел под Атлантикот – Патување помеѓу два континента за помалку од еден час

Технолошкиот визионер Илон Маск предизвика големо внимание во јавноста со изјавата дека неговата компанија Boring Companyможе да изгради трансатлантски тунел меѓу Њујорк и Лондон за неверојатно ниска цена од 20 милијарди американски долари.

Тврдењето беше изнесено на социјалната мрежа Х, како одговор на објавата која ја предвидува цената на сличен потфат на дури 20 трилиони долари.

Маск накратко одговори дека компанијата Boring може да го направи тоа за 1.000 пати помалку пари.

Најдолгиот тунел во светот

Проектот предвидува тунел со должина од околу 5.600 километри, кој би бил најдолгиот во светот, далеку надминувајќи го постоечкиот рекордер – тунелот под Ла Манш, меѓу Велика Британија и Франција, кој има подводен дел од околу 50 километри.

За споредба, изградбата на овој тунел чинеше околу 9 милијарди фунти (приближно 23,4 милијарди долари во денешната вредност).

Овој амбициозен план се потпира на технологијата за вакуумски тунели која би овозможила брзина од 1.930 км/ч. Идејата за сличен проект беше разгледана во раните 2000-ти, но неговата изводливост остана сомнителна поради високите трошоци и техничките пречки.

Претходни предизвици во „хиперлуп“ технологијата

На Маск не му се непознати овие иновативни идеи. Тој уште во 2013 година го претстави концептот „hyperloop“ – систем од вакуумски тунели кои би овозможиле транспорт со брзина од 1.100 km/h. Иако неколку компании, меѓу кои и Virgin Hyperloop, постигнаа одреден напредок, најдолгиот досег постигнат досега беше тестот од 11,8 km во Швајцарија, со скромна максимална брзина од 40 km/h.

Сепак, многу скептици истакнуваат дека пречките како регулација, финансирање и интеграција со постојните инфраструктурни системи се преголеми за реализација на ваквите зафати. На пример, претходните предлози на Маск за изградба на подземни тунели за автомобилите на Тесла во градови како Мајами и Лос Анџелес не се реализираа.

Иднината на трансатлантскиот транспорт

Додека тврдењето на Маск за можноста за изградба на овој мегапроект за „само“ 20 милијарди долари предизвикува интерес, експертите предупредуваат дека недостатокот на технички докази и јасни планови остава многу прашања неодговорени. Сепак, ако проектот успее, може да направи револуција во глобалниот транспорт со намалување на времето на патување меѓу двата континента на помалку од еден час.

Фото: X