Визит картичка – застарена или корисна маркетинг алатка

27

Фото: Pixabay

Социјалните мрежи и сите останати современи начини за пронаоѓање и комуникација со потенцијални клиенти и соработници, како во втор план да ги истуркаа старите начини на комуникација. Па затоа, се поставува и прашањето дали култните визит картички се застарена или сепак корисна маркетинг алатка.

Живееме во ера на дигитализација, кога мобилниот телефон ни е секогаш при рака. Но, постојат ситуации кога, на пример, на некој деловен состанок или средба полесно е да ја дадете вашата визит картичка, одошто да побарате да ве пронајдат на LinkedIn.

Преку дизајнот на визит картичката, исто така, се остава и личен печат по којшто полесно ќе може да се препознае компанијата. Иако пред 20-тина години, визит картичките беа едно мало парче бела хартија на кое ги има сите генералии за вас и вашиот бизнис, денес тие имаат сосема поинаков изглед. Визит картичка со добар и професионален дизајн покажува дека компанијата внимава дури и најситните детали, е отворена за комуникација и соработка.

Една добра визит картичка треба да изгледа модерно, суптилно и квалитетно. При дизајнирање на овие картички, треба да се внимава на фонтот и големината на буквите, да не изгледа пренатрупано, туку естетски да се подредат сите потребни информации.