Вкупната трговска размена во првиот квартал 5,354 милијарди долари

19

Вкупната стокова размена во првите три месеци од годинава изнесува пет милијарди 354 милиони 410 илјади американски долари. Пораст има и кај извозот и кај увозот.

Според денешните објавени податоци на Државниот завод за статистика, во овој период вкупната вредност на извозот на стоки е 2 милијарди 174 милиони и 918 илјади долари и бележи пораст од 8,6 проценти во споредба со истиот период лани, а вредноста на увeзената стока изнесува три милијарди 179 милиони и 492 илјади долари, што е за 20,4 проценти повеќе.
Трговскиот дефицит изнесува една милијарда 004 милиони 574 илјади долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и деловите на седишта од подгрупата 821.1. Во увозот најмногу се застапени електричната енергија, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во првиот квартал годинава според вкупниот обем на надворешнотрговската размена државава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Бугарија и Србија.