Владата денеска ќе дискутира за предлозите на трговците

Владата на деншната седница ќе отвори дискусија и ќе разгледа дополнителни можности, по што ќе заземе став за тоа кои и какви мерки ќе се преземат за ограничување на цените на одредени групи производи во малопродажба.

– Согласно договореното до Министерството за економија и труд се пристигнати неколку предлози од страна на трговците, некои од нив се однесуваат на ограничување на маржата, додека други на намалување на цените на основните прехранбени производи. Владата на утрешната седница ќе отвори дискусија, ќе разгледа и дополнителни можности и ќе се заземе став за тоа кои и какви мерки ќе се преземат – информираат од владината прес-служба.

Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, вчера до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат ги доставила предлозите за обезбедување ефективни мерки за намалување на цените на групи производи.

Како што информираат од Комората, предлозите се подготвени по одржаниот состанок во петокот во Министерството за економија и труд, заедно со министерот, заменик-министерот, претставници од релевантни институции, како и членови на Комората.