Владата на Република Македонија најави дека ќе даде целосна поддршка за отворање на специјализирани продавници, кои што ќе се занимаваат со продажба на македонски вина во повеќе поголеми македонски градови, во туристичките центри, во хотелите, на граничните премини и аеродромите.
Се работи за локации каде има поголема концентрација на странски туристи.
Владата ќе финансира или ќе кофинансира отварање на вински продавници и вински штандови во три посебни категории и тоа: опрема, закупнина и нови работни места.
Исто така, Владата ќе финансира опремување на продавниците во износ кој не надминува еден милион денари по продавница, а за винските штандови износот не треба да биде поголем од 600.000 денари по штанд.
Во однос на закупнината, Владата ќе финансира 50% од вкупниот износ на закупнината, кој не смее да биде поголем од 30.000 денари по месец. Во однос на новите работни места, Владата ќе го финансира вработувањето на четири лица за секоја винска продавница и за две лица за секој вински штанд.
“Со оваа поддршка се дава сериозен придонес во развојот на туризмот, во развојот на трговија и во поддршка на макеоднсктие компании кои тргуваат и произведуваат вина, но се обезбедвуаат нови работни места со директна поддршка на државата”, нагласи владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Tој напомена и дека финансирањето на платите не може да биде помало од 50% од просечната плата, со можност и за поголем процент на финансирање, таму каде што тоа ќе биде потребно. Еден субјект ќе може да аплицира најмногу за две вински продавници и еден штанд или за три вински штанда.
Новите продавници ќе бидат отворени во Скопје, Охрид , Прилеп, Битола, Штип, Тетово, Струмица, на аеродромите Александар Велики и Св. Апостол Павле, на граничните премини, во градската автобуска станица во Скопје, во Дојран и во Гевгелија, како и во зимските туристички центри.