Владата на Црна Гора основа државен телеком?

22

telekom

Црногорската влада во брзо време би требало да одлучи дали ќе основа нова телекомуникациска компанија, за што се завршени извештаите во јули кои одат во прилог на донесување на таква одлука, дознава Вијести.

Според неофицијални извори на Вијести, три стручни тимови што ги ангажирала Владата, работеле на утврдување на оправданоста на одлуката државата, откако во 2005 година го продаде Телекомот, да основа нова телекомуникациска компанија во која ќе биде сопственик.

Новиот телеком би се засновал на постоечката телекомуникациска инфраструктура на Црногорскиот електропреносен систем и Железничка инфраструктура, а за развој на услугите, пред се на брз пристап до интернет и телевизија, би биле потребни свежи инвестиции.

Според досегашните податоци, на црногорскиот телекомуникациски пазар годишно се вртат околу 300 милиони евра или 10% БДП на земјата. Најголем дел од колачот му припаѓа на најголемиот играч на овој пазар, Црногорски телеком, во кој 76,5% акции се во сопственост на Маѓар телеком, кого го контролира Дојче телеком, пишува Вијести.

Телекомот на Црна Гора е приватизиран во 2005 година, со комплетна инфраструктура. Државата преку фондови беше сопственик на нешто повеќе од 51% акции кои беа понудени на тендер за приватизација, а победи Маѓар телеком, кој за тој удел понуди 114 милиони евра.