За отпремнини и социјален пакет за вработените од ОХИС, Владата обезбеди 65 милиони денари, со што во целост се прифатени барањата на Синдикатот. Обезбедените средства во следните седум до 10 дена ќе бидат трансферирани од Владата во ОХИС, како и дополнителни 43 милиони денари за надоместокот кој вработените ќе го добиваат преку Агенцијата за вработување, изјави потрпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
“Со обезбедувањето на средствата се задоволени поентите на нивните барања, а тоа е дека отпремнината која минимум ќе биде исплатена по вработен ќе изнесува по 1.400 евра, како што беше и побарано од страна на Синдикатот и раководството”, истакна Ѓорѓиев на прес-конференција во Владата пренесува Миа.
Според претседателот на СМЕР Пеце Ристовски, ова решение има бенефит за вработените по три основи – ќе добијат средства со кои ќе може да ги подмират долговите, ќе добиваат паричен надоместок од Агенцијата за вработување и ќе бидат здравствено осигурани.
Директорот на ОХИС Леко Ристевски информира дека на работа ќе бидат вратени 65 луѓе кои ќе се грижат за обезбедување и одржување на компанијата.
Моменталниот долг на ОХИС е околу 20 милиони евра, од кои околу пет милиони евра e долг кон вработените.