Владата во Берлин разгледува субвенции од четири милијарди евра за германската тешка индустрија

Германската влада разгледува субвенции во износ од четири милијарди евра наменети за енергетски интензивните индустрии, што е клучен дел од ветувањето на канцеларот Фридрих Мерц за зајакнување на конкурентноста на домашното производство.

Предлогот вклучува покривање до 50 проценти од трошоците за електрична енергија за повеќе од 2.000 компании во хемиската и стаклената индустрија, како и во пластичната индустрија, во текот на следните три години, објавува „Фајненшл тајмс“  повикувајќи се на свои анонимни информирани извори.

Германската министерка за економија и енергетика, Катерина Рајхе, планира да го прошири постојниот режим на субвенции, кој моментално опфаќа 350 компании.