Влезот во Венеција е сè уште бесплатен, наплатата на билетите е одложена

89

Веќе извесно време се зборува за воведување систем за наплата при влез во Венеција поради екстремно големиот број туристи.

Откако регионот Венето го одобри воведувањето на овој систем уште во 2019 година, тој требаше да започне со работа во јануари оваа година, што во моментов е одложено за шест месеци.

Воведувањето на билетот за влез и посета на Венеција беше одложено од јануари годинава за лето бидејќи не беа навреме обезбедени премините со што ќе се ограничи бројот на туристи кои можат да влезат во Венеција дневно, а сè уште не е утврдено  детално кои луѓе ќе треба да плаќаат билет, а кои не.

Овој град кој е и еден од најпосетуваните со 7 милиони луѓе годишно, ќе биде првиот град кој ќе го воведе овој експериментален систем осмислен да не го намали бројот на туристи, туку да овозможи подобар транзит на луѓе низ градот и зголемување на квалитетот на туризмот.

– Ова е првиот град во светот, единствениот град кој ќе се обиде на овој начин да даде конкретен одговор на преголемиот број туристи во одредени периоди од годината – изјави Симоне Вентурини, Туристичка организација на Венеција.

„Како жител на Венеција, се плашам дека влезната такса ќе направи овој град да стане нешто што не личи на град. Мислам дека тоа воопшто нема да влијае на бројот на туристи и ќе биде неефективен“, жител на Венеција.

Жителите на Венеција, како и оние кои поседуваат имот во градот нема да плаќаат влезница во градот.
Оваа категорија ги вклучува и вработените, студентите, оние кои доаѓаат во Венеција од здравствени причини, полицијата и војската, спортистите кои се во градот за спортски натпревари, оние кои треба да присуствуваат на судење или да ги посетат затворениците, оние кои живеат во Венето регионот како и лица кои ноќеваат во хотели бидејќи веќе го плаќаат данокот.