Влијание на претприемаштвото врз економскиот раст во земјите во транзиција и регионот МЕНА

57

Вчера се одржа 39. сесија на Клубот на истражувачите формиран од Народната банка. Настанот го отвори вицегувернерката, Ана Митреска, со поздравно обраќање, по што следуваше презентацијата на трудот Влијанието на претприемaштвото врз економскиот раст во земјите во транзиција и во земјите од регионот МЕНА (Среден Исток и Северна Африка): со осврт на Северна Македонија” од Рејхан Сулејман, која за овој труд ја доби Годишната награда на Народната банка за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2021 година.

“Народната банка успешно го одржува без прекини Клубот на истражувачите и покрај предизвиците наметнати од пандемијата. Клубот е платформа за презентација и разработка на научно-истражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Преку сесиите на Клубот се промовираат исклучително значајни научни трудови и се овозможува размена на знаењето помеѓу истражувачите во областа на економијата. Еден од тие трудови е и трудот на Рејхан Сулејман, овогодишната добитничка на Годишната награда на Народната банка за млади истражувачи. Станува збор за труд што истражува релевантна област, односно го оценува ефектот на претприемаштвото врз економскиот раст“, истакна вицегувернерката Митреска, во своето поздравно обраќање.

Целта на трудот на Сулејман, како што беше посочено и во презентацијата, е да се испита влијанието на претприемаштвото врз економскиот раст во земјите во транзиција и регионот МЕНА, со посебен осврт на македонската економија. Во трудот се дава осврт на претприемаштвото во нашата земја во периодот од 1990 до 2017 година, а економската анализа е направена со примена на релевантна методологија – панел-оцена.

Како што посочи Сулејман, во ова истражување, се користени податоци за  претприемачката активност во рана фаза (англ. TEA – total-early stage entrepreneurial activity) и за т.н. воспоставена деловна сопственост (англ. EBO – established business ownerships), од Глобалниот монитор за претприемаштво (ГЕМ), како конзистентна база на податоци по земји. Како што беше истакнато и во презентацијата, главниот заклучок од анализата на Сулејман е дека претприемачката активност во рана фаза нема статистички значајно влијание врз економскиот раст, додека етаблираните претприемачки бизниси, или т.н. воспоставена деловна сопственост, имаат позитивно влијание врз растот на БДП.

По презентацијата, во рамките на сесијата, меѓу учесниците се водеше дискусија за повеќе прашања поттикнати од истражувањето на Сулејман.

Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во септември, а Народната банка ќе објави и повик за истражувачи, за презентирање трудови на сесијата.

Неодамна, Народната банка го објави и Конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2022 година.