Вмрежување: Неколку корисни совети

13

networking

Фото: Pixabay

Вмрежувањето е уметност на формирање и одржување на взаемно корисни односи со луѓе кои (не) се поврзани со вашата област на интерес.

За да ги користите добрите страни на вмрежувањето треба да бидете активни во размена на искуства, знаења, и контакти со останатите членови во мрежата. Само кога комуникацијата е базирана врз доверба и се случува во две насоки може да се каже дека вмрежувањето има ефект.

Тоа најчесто се случува на различни саеми, конференции и други деловни случувања, семинари и социјални собири.

Овие средби со луѓе од сопствената или од сродна професија можат да бидат корисни кога сакате да го смените работното место, кога ќе добиете отказ или кога сакате да ги проширите своите активности и во други области. Вмрежувањето е, исто така, важно и кога сакате да дојдете до информации за одредени обуки, бизнис случувања, кога сакате да дознаете за некои нови трендови на пазарот или образованието.

Секако, ова меѓусебно разменување на информации служи и за зголемување на видливоста и изградба на сопствениот бренд. На овој начин можете полесно да го продадете вашиот производ или услуга. Вмрежувањето е од суштинска важност и доколку сакате да започнете сопствен бизнис.

Како подобро да се “вмрежите”

Бидете оригинални и истакнете го она по што се разликувате од другите, она во што сте најдобри. Кога ќе се запознаете со некого, не ја пропуштајте приликата да му/и ја дадете вашата визит карта или нешто со што ќе можете да се претставите.

Она што ќе го добиете од вмрежувањето директно зависи од времето и трудот што ќе ги вложите, остварените контакти со луѓето што ќе ги сретнете и запознаете меѓусебно. Голема е веројатноста дека тие ќе ја возвратат услугата и ќе ве запознаат со некои луѓе кои тие ги познаваат.

Запознавајте луѓе кои работат нешто поразлично, не размислуваат и не се однесуваат како вас. Со тоа ќе ги проширите видиците и ќе ви се отвори можност да размислувате на нов начин. Може ќе се случи да го завршите разговорот со планови за меѓусебна соработка.

Не плашете се и не срамете се да побарате поддршка, заедно да процените некоја идеја и да побарате помош во областите што не се во ваш домен.

Запомнете дека репутацијата се гради со години, а може да се сруши во една секунда. Затоа, не обидувајте се да се покажете како подобри, туку барајте начин да соработувате, да си помогнете меѓусебно. Етичкото однесување е предуслов за добра деловна и долгогодишна соработка.