Внимавајте на деталите!

20

malo

Фото: Pixabay

Се качив во лифт. Влегов без идеја, излегов со идеја. Чекајќи да помине времето на патувањето на лифтот, од приземјето до катот на кој ќе треба да излезам, за да стигнам во канцеларијата, решив да се загледам во текстот над таблата со копчиња. Знаев дека таму, во текстот, има нешто што некогаш бев решил да го имам на ум за некој друг пат, за повнимателно да го прочитам. Но, времето што ми останало до четвртиот кат, ни овој пат не беше недоволно за едно повнимателно читање, за потемелна анализа на тоа што некогаш сум го забележал.

Лифтот е натпросечно убав, со современ дизајн, составен од убави, складно вкомпонирани материјали, со модерна, лесно разбирлива табла со копчиња, комбинација од светло и огледало кои од луѓето што го користат прават секогаш барем за еден степен поубави луѓе — луѓе кои поради тоа од него излегуваат редовно задоволни.

Но, средбата со текстот од упатството за употреба, отвора други перспективи во оценувањето на квалитетот на лифтот. Доволни беа првите две реченици, за во нив да се роди поинаква мисла. Текстот е испишан со убав фонт, на плочка или фолија од, исто така, убав материјал, но, речениците беа фалични, груби по форма, далеку од нивото на шарм и професионалност со кое зрачи лифтот ако ја занемариме плочката.

Случката со речениците раѓа неколку прашања:

– Дали не е и во другите сегменти од создавањето на производот така постапено?

– Дали можеби и сајлата по која се движи лифтот не е така непрофесионално изработена?

– Дали и материјалите од кои е составен лифтот не се само навидум квалитетни и убави, како фонтот и плочката за текстот, а се во суштина радиоактивни и штетни за здравјето?

– Дали се шрафовите со кои е прицврстен подот добро зашрафени, или во секој момент би можело да се случи да пропаднеме во темниот тунел?

– Дали сè што им е аутсорсирано е направено со таква нестручност?

Само еден детаљ, кој ни се чини неважен додека го создаваме нашиот производ, или кога ја дизајнираме нашата услуга, би можел да го расипе впечатокот кој сакаме да го оставиме. Само една средба со некој мал наш превид, би можела да го наруши имиџот на нашиот производ  што грижливо го создаваме.

Но, размислуваме ведро, нели? Трошокот за толкав по обем, квалитетно составен текст би чинел не повеќе од 1.000 денари. На цената на еден лифт, тоа би било речиси неважна дополнителна давачка.

Создадете си навика на вашиот производ да гледате со очите на вашиот муштерија, кој навива за вас. Ќе бидете изненадени дека за важноста на деталите можете да научите и од вашата омилена песна, или, од салфетите што обично ги купувате, од складноста на природата.

Внимавајте на комплетната слика –  не дозволувајте да ви се провлече барем една ситница што нема да одговара на целната група, амбиентот и нивото кое е „природна средина“ за вашиот производ или вашата услуга.

Квалитет и на микроплан – работете со иста посветеност и кога барате решенија за најситните работи додека го создавате вашиот производ. Сте направиле сè, но, сте избрзале со заштитниот знак, или со илустрациите во презентацијата за вашата обука.

Одберете ги вистинските соработници – не секогаш најевтиното или најбрзото решение е и најдоброто. Понекогаш ја потценуваме важноста на поситните работи, па одбираме несоодветни решенија, само затоа што ни се на дофат. Производот го градиме за подолг рок, вреди да се почека ден-два.

Учете од секојдневието – анализирајте ги вашите реакции на производите што секојднево ги користите. Обрнете внимание, кога некој ситен детаљ прави задоволството да биде целосно, а кога некоја ситница ви го расипува впечатокот за производителот.

Аирлија имплементација!