Во 2023 година Унгарија привлече рекордни инвестиции од 13 милијарди евра

24

Во 2023 година Унгарија привлече инвестиции во износ од рекордни 13 милијарди евра, објави денеска министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто.

Според него, светската економија се соочила со „многу сериозна криза“ бидејќи нивото на глобалните инвестиции паднало за 12,5 отсто од 2021 до 2022 година, а во првата половина на 2023 година е забележан дополнителен пад од 30 отсто, пренесува агенцијата МТИ.

Сијарто истакна дека, и покрај негативните светски трендови, Унгарија привлече 6,5 милијарди евра странски инвестиции во 2022 година и повеќе од 13 милијарди евра во 2023 година, со поддршка на грантови од Владата на Унгарија во износ од две милијарди евра.

Инвестициите отворија рекордни 19.000 работни места во земјата, рече унгарскиот министер.

Кина беше најголемиот странски инвеститор во Унгарија минатата година, а втората по големина група инвеститори се локалните компании, што значи дека Унгарија сега има силен бизнис сектор кој може да се натпреварува со странските инвеститори, нагласи Сијарто.

Унгарија е победник на „новата ера на глобалната економија“ бидејќи привлече многу инвестиции од индустријата за електрични возила што ќе ја дефинираат новата ера, заклучи Сијарто, пренесува Танјуг.

Кинескиот производител на електрични автомобили „BYD“ ќе ја гради својата прва европска фабрика во унгарскиот град Сегед, објавија медиумите во декември.