Според податоците објавени од Институтот за статистика (ИНСТАТ) продолжува падот на стапката на инфлација во Албанија, која во август изнесува два отсто што е најниското ниво забележано во последните три години.
Споредно со минатиот месец таа е пониска за 0,1 проценти.
-Намалувањето на цените во транспортната група имаше најголемо влијание врз ваквата состојба, а зголемувањето на цените беше помало и кај другите подгрупи.
На годишниот пораст на цените во месец август, главно влијание има групата „храна и безалкохолни пијалаци“ со помалку од еден отсто, потоа групата „наем, вода, гориво и енергија“ и цените на групата „мебел, апарати за домаќинство и одржување на домот“, наведува ИНСТАТ.
Намалувањето на инфлацијата во текот на месец август е сигнал дека Централна банка на Албанија може да продолжи со политиката на намалување на каматните стапки и во текот на есента тие имаат значително влијание на ратите на кредитите во албанската валута лек и за граѓаните и за бизнисите.
Централна банка во своето последно соопштение наведе дека Албанија веќе ја надминала ценовната криза, додека нивото на инфлација останува под целта на Банката на Албанија од три проценти.
Според Банката падот на инфлацијата го одразува брзото намалување на увезената инфлација, на што влијаеше и девизниот курс, бидејќи еврото веќе неколку месеци е на границата од 100 леки, што е рекордно најниска вредност на европската валута во однос на лекот.