Во Албанија во јуни бројот на посетители зголемен за 25,5 отсто на годишно ниво

28

Бројот на домашни и странски посетители кои престојуваат во хотели, куќи за гости и друго сместување во Албанија во јуни се зголеми за 25,5 отсто на годишно ниво, со значителен пораст и кај странските и кај локалните туристи оваа летна сезона.

Според податоците објавени од Институтот за статистика, ИНСТАТ, најмногу странски посетители има од Косово, Полска, Италија, Германија и Англија.

-Двата показатели, односно бројот на домашни и странски посетители, го следат истиот тренд. Бројот на домашните посетители во јуни е зголемен за 15,2 отсто а на странските за 34 отсто, наведува ИНСТАТ.

Според официјалната статистика бројот на ноќевањата на домашните посетители е зголемен за 12,2 отсто, а бројот на ноќевањата на странските посетители е зголемен за 54,5 отсто.

Туристичките дестинации во централна Албанија забележаа најголем број посетители – зголемување од 38,1 отсто, додека 62,5 отсто од посетителите престојувале во крајбрежните области на земјата.

Околу 94 отсто од посетителите престојувале во хотели, а останатите во други сместувачки капацитети.