Во април во ЕУ се регистрирани 925.359 нови автомобили, што е за 1,3 проценти повеќе од минатата година

Во земјите од Европската Унија, во април се регистрирани 925.359 нови патнички автомобили, што е за 1,3 проценти повеќе во споредба со истиот месец минатата година, објави денес Здружението на европски производители на автомобили (ACEA).

Бројот на регистрации на патнички автомобили во Шпанија се зголеми за 7,1 процент на годишно ниво во април, во Италија за 2,7 проценти, додека регистрациите се намалија во Белгија за 4,8 проценти, Германија за 0,2 проценти и Холандија за четири проценти.

Во април, најголем удел на нови хибридно-електрични возила (HEV) е регистриран во Европската Унија, 34,7 проценти, по што следат бензински возила 28,3 проценти, електрични возила на батерии (BEV) 15,7 проценти и дизел автомобили 9,6 проценти.