Во Аргентина рекордна инфлација од 102,5 отсто

28

Стапката на инфлација во Аргентина е повеќе од 100 проценти, што се случи за прв пат по хиперинфлацијата во земјата во 90-тите. Аргентина банкротираше во 2001 година.

Како што објави статистичката агенција на оваа земја, стапката на инфлација е 102,5 отсто, што значи дека цените на стоките и услугите се двојно повисоки во однос на претходната година. Аргентина со години има економски проблеми, поради што поголемиот дел од населението живее во сиромаштија. Надлежните се обидуваат да го запрат растот на цените со нивно ограничување.

Сепак, драстично се зголемуваат цените на храната и пијалаците – во февруари поскапеле за 9,8 отсто во однос на претходниот месец. Аргентинските медиуми објавија дека цената на месото пораснала за речиси 20 отсто за еден месец. Весникот Амбито објави дека неповолните временски услови, продолжениот топлотен бран и сушата сериозно се одразиле врз сточарството и земјоделството.

Во оваа земја одамна се чувствува висока инфлација. Во септември минатата година имаше протести со барање да се ограничи растот на цените. Централната банка најави дека ќе издаде банкнота во нова апоен – 2.000 пезоси, што е одговор на растот на цените.

Владата долго време се обидуваше да ја ублажи инфлацијата, но политичките поделби ја загрозија економијата. Минатото лето за еден месец беа сменети тројца министри за економија.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и додели на оваа земја уште шест милијарди долари за спас на економијата. Тоа беше последната исплата во 30-месечната програма за помош која на крајот треба да изнесува 44 милијарди долари, јавува Би-Би-Си.