Во Боцвана е пронајден дијамант од 2.492 карати

56

Масивен дијамант од 2.492 карати – еден од најголемите пронајдени досега – е откопан од рудник во Боцвана, потврди Блумберг.

Скапоцениот камен, пронајден во рудникот „Карове“ кој го води канадската компанија „Лукара Дајмонд“, допрва треба да биде детално проценет и не е јасно дали од него ќе се добијат скапоцени камења со највисок квалитет. Но, тој не е многу помал од 3.106-каратниот дијамант Кулинан, најголемиот во светот, кој е откриен во Јужна Африка во 1905 година.

Откритието е направено со помош на технологија на рендген инсталирана во рудникот за да се идентификуваат камењата со висока вредност во примарното рудно тело, соопшти „Лукара“ во соопштението. Во овој рудник имало уште две значајни наоди – дијаманти со име „Севело“ од 1.758 карати и „Леседи Ла Рона“ од 1.109 карати.

Откритието доаѓа откако цените на дијамантите паднаа на најниско ниво во последните четири години, според Diamond Standard Index.

Додека индустријата помина добро за време на пандемијата бидејќи потрошувачите заглавени дома трошеа повеќе на луксузни предмети, наместо на патувања и забава, побарувачката оттогаш ослабе.

Забавувањето во Кина и зголемувањето на производството на синтетички камења само го зголемија притисокот на пазарот.