Во четврток ќе се одржи 40. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка

34

Во четврток, со почеток во 14 часот, преку видеоконференциска врска ќе се одржи 40. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка.

На сесијата ќе бидат презентирани трудовите:

„Продуктивност и излез на фирмите за време на ковид-19: Анализа од повеќе земји”, од Силвија Муци, Филип Јолевски, Кохеи Уеда и Доменико Виганола и

„Анализа на онлајн работните места и побарувачката на занимања и вештини во Република Северна Македонија”, од Александар Костадинов.

По презентирањето на трудовите e предвидена дискусија.

Народната банка објави повик до сите истражувачи коишто се заинтересирани да учествуваат на сесијата на Клубот да се пријават на е-адресата: info@nbrm.mk, најдоцна до утре – 15 септември 2021 година (среда).

Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Трудовите коишто се презентираат на сесиите на Клубот, треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.

На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија.

Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер.