Во декември нов пад на германското индустриско производство

32

Обемот на индустриското производство на најголемата европска економија повторно се намали во декември, а според првата проценка на германскиот државен завод за статистика Дестатис, тој е за 1,6 отсто помал во однос на октомври.
Поголемиот пад од очекуваниот е резултат на значително помал обем на активност во хемиската индустрија и градежниот сектор.

Во ноември обемот на германското индустриско производство падна за 0,2 отсто во однос на октомври, според ревидираната проценка. Првите проценки беа дека падот изнесува 0,7 отсто.

Декемврискиот пад беше седми по ред и поголем отколку што предвидуваа аналитичарите анкетирани од ФактСет. За декември тие предвидоа пад од 0,35 отсто, пренесе француската новинска агенција АФП.

Како што објави Дестатис, најголемиот пад е ублажен со четири отсто зголемување на производството на автомобили.

Во цела минатата година, според податоците на Заводот, обемот на индустриското производство е за 1,5 отсто помал од претходната година и е под нивото пред пандемијата на Ковид-19.

Најпогодени беа енергетските индустрии каде производството падна за 10,2 отсто на годишно ниво. Производството во хемиската индустрија, на пример, падна на најниско ниво од 1995 година.

Германскиот витален производствен сектор, некогаш во голема мера зависен од увоз на евтин руски гас, се мачи откако руската инвазија на Украина ги зголеми трошоците за енергија.

Повисоките каматни стапки и послабата извозна побарувачка придонесоа за економски проблеми, при што германскиот бруто-домашен производ минатата година се намали за 0,3 отсто.

Ниту прогнозите за оваа година не се преоптимистички. „Индустријата сè уште е голема пречка за растот. Очекуваме тоа да продолжи и оваа година“, изјави економистот на Capital Economics, Франциска Палмас, пренесува AFP.