Во Дубаи отворена најголемата вертикална фарма, користи 95% помалку вода

117

Вертикалните фарми се моќна алтернатива и решение за кризата со земјиштата и не се помалку функционални од традиционалните. Исто така, тие заштедуваат огромни количини на вода.

Иако вертикалните фарми не се нови, една привлече внимание бидејќи тоа е најголемата вертикална фарма во светот која е подготвена да произведе повеќе од 900.000 килограми зелен зеленчук годишно.

Фармата наречена Bustanica ја изгради Crop One Holdings во соработка со Emirates Flight Catering, а беше отворена во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, недалеку од меѓународниот аеродром Al Maktoum.

Површината на фармата е 30.658 квадратни метри.

Зеленчукот што ќе се одгледува на оваа фарма ќе биде „целосно чист“ бидејќи ќе расте без пестициди, хербициди и други хемикалии. Исто така, фармата користи 95% помалку вода во споредба со традиционалните фарми, а ќе дава три тони производ дневно благодарение на употребата на машинско учење, вештачка интелигенција и анализа на податоци.

Фабриката користи затворен систем кој овозможува водата да циркулира низ растенијата со цел ефикасно да се користи. Водата испарува за време на процесот на наводнување и се рециклира во системот, што заштедува 250 милиони литри вода секоја година во споредба со традиционалните отворени фарми со исто производство.

Зелен зеленчук ќе им биде послужен на патниците во авионите на компанијата Emirates, како и на другите авиокомпании кои соработуваат со Emirates Flight Catering. Ќе се продава и во локалните продавници под брендот Bustanica.