Во 26 од 28 земји во Европската унија, минатата година се продале повеќе велосипеди од автомобили, јавува АФП.
Трендот на возење велосипеди се препишува како последица на економската криза во Европа.
Со исклучок на Малта, во ЕУ се продадени 12 милиони автомобили, наспроти 19,7 милиони велосипеди. Повеќе продадени автомобили лани е забележано единствено во Белгија и Луксембург.
Феноменот се шири и надвор од традиционалните “велосипедски престолнини” во северна Европа, како што се Амстердам и Копенхаген. Велосипедите се повеќе ги заменуваат автомобилите и во јужна Европа. Во Италија, на пример, продадени се 1,6 милиони велосипеди во 2012 година во споредба со 1,4 милиони автомобили. Во Шпанија минатата година се продадени 780.000 велосипеди наспроти 700.000 автомобили. Велосипедите се повеќе стануваат хит и во Португалија, во градовите како што Лисабон и Порто. Во оваа земја лани се продадени 350.000 велосипеди, а само 95.000 автомобили.