Во ЕУ започна примената на дигитални ковид сертификати

68

Ковид сертификатите стапуваат на сила денес на ниво на целата Европска унија, за време на летните одмори во Европа, но поинтензивната делта варијанта на коронавирусот веќе се заканува да ја намали нивната употреба.

Документот на ЕУ, т.е. QR-кодот достапен во дигитална форма на паметните телефони или во хартиена форма, покажува дали патникот е вакциниран со една од вакцините одобрени од ЕУ (BioNTech-Pfizer,Astra Zeneca, Мoderna или Johnson &Johnson), дали има заболено од Kовид- 19 или има негативен тест за коронавирус.

Сертификатот служи за да се избегне потребата од карантин и понатамошно тестирање за време на патувањето помеѓу 27 земји-членки на ЕУ и придружните европски земји.

Одлуката на Германија го налути Брисел

Комесарот на ЕУ за правда Дидие Рејндерс рече дека очекува сите членки на ЕУ да бидат поврзани до четврток. Само Ирска, чиј здравствен систем претрпе сајбер-напад во мај, ќе доцни со воведувањето.

До средата, 21 членка на ЕУ го прифати сертификатот, вклучително и водечките туристички дестинации – Франција, Шпанија, Италија, Грција и Хрватска.

Но, наглиот пораст на делтата варијанта, најпрво откриен во Индија, а сега проширен кон поранешната членка на ЕУ, Велика Британија, може да предизвика одредба “сопирачка за итни случаи“ со која се суспендира прифаќањето на сертификатот.

Германија веќе објави забрана за влез на патници од Португалија, каде делта варијантата стана доминантна. Ослободени се само германските граѓани и жители, кои по враќањето во Германија мора да бидат ставени во карантин од две недели.

Одлуката на Берлин го налути Брисел, а Рејндерс рече дека “треба да се избегнуваат забрани за патување во рамките на ЕУ“ и истакна дека Германија треба прво да се консултира со партнерите.

Фото: Freepik