Во еврозоната цените на куќите и становите паѓаат, кириите растат

Цените на станбените недвижности во еврозоната паднаа за 1,7 отсто во вториот квартал од 2023 година во однос на истиот период лани, а паѓа и побарувачката за станбени кредити, додека во септември е забележан рекорден пораст на цените на закупнините, поточно за 2,7 отсто на годишно ниво, објави Европската централна банка (ЕЦБ) како дел од ноемврискиот преглед на финансиската стабилност.
Клучните причини за заладувањето на пазарот на недвижности во еврозоната лежат во ефектите од заострувањето на монетарната политика, заострувањето на кредитните политики на комерцијалните банки, како и намалената побарувачка на домаќинствата, се вели во анализата на ЕЦБ, која предупредува на негативни трендови и на пазарот на комерцијални недвижности.

Иако динамиката на цените на станбените недвижности во еврозоната неодамна стана негативна, цените на квадратурата почнаа да опаѓаат во некои земји уште во втората половина на минатата година, забележува истражувањето, истакнувајќи дека стапката на пад на цените на станбените недвижности забави во последните месеци.

– Повисоките каматни стапки на станбените кредити веројатно ќе доведат до натамошен надолен притисок на цените на куќите, бидејќи ја намалуваат побарувачката за нови хипотекарни заеми, додека капацитетот за сервисирање на долгот на домаќинствата кои ги отплаќаат станбените кредити може да се намали – предупредува ЕЦБ, пренесува Бизнис. rs.

Двоцифрен раст на киријата низ ЕУ

Од друга страна, цените за изнајмување во еврозоната растат со рекордна брзина, па така во септември 2023 година се зголемија за 2,7 отсто на годишно ниво.

Глобалната статистичка платформа Statista се повикува на податоците од порталот Housing Anywhere International кога укажува дека Лисабон и Порто забележале зголемување од 25 отсто во трошоците за изнајмување станови помеѓу април и јуни 2023 година во споредба со истиот квартал минатата година.

– Ова е алармантна стапка, особено ако се земе предвид дека локалните плати (кои и онака се ниски во споредба со поголемиот дел од остатокот од Европа) не растат речиси со исто темпо – оценуваат аналитичарите на Statista.

Во истиот период, во главниот град на Унгарија – Будимпешта, просечната кирија за стан скокна за неверојатни 43 отсто на годишно ниво, на 1.100 евра.

Во меѓувреме, како што објави Statista, во Фиренца и Торино, кои историски имаа многу пониски цени за изнајмување од другите делови на Италија, кириите се зголемија за 21, односно 12,5 отсто.

Анализата на Statista го свртува вниманието на фактот дека зад ваквиот тренд стои долгорочен недостиг на станови кои се нудат, што драстично ги зголемува трошоците за изнајмување, но и трендот на преселување на квалификувани работници во странство, односно во ЕУ, што доведува до зголемување на кирии.

Европски рекордери, покрај Будимпешта, Лисабон и Порто, се Хаг – каде цените на изнајмување станови се зголемија за 27,8 отсто и Утрехт за 25,8 отсто.