Во февруари еврозоната забележа суфицит од 24 милијарди евра во стоковната трговија

Според првите прелиминарни проценки, еврозоната во февруари забележа суфицит од 24 милијарди евра во стоковната трговија со остатокот од светот, објави денеска Евростат.

Вредноста на извозот на стоки од еврозоната во остатокот од светот во февруари изнесува 248,7 милијарди евра, што претставува раст од 6,2 отсто на годишно ниво, додека увозот во исто време е зголемен за 5,7 отсто на годишно ниво, на 224,7 милијарди евра.

Резултатот е значително поповолен отколку во јануари, кога еврозоната забележа само 0,8 милијарди евра суфицит во трговијата со стоки.

Во февруари годинава Европската унија забележа суфицит од 23 милијарди евра во стоковната размена, а во истиот месец од 2024 година суфицитот изнесуваше 21,8 милијарди евра.

Вредноста на извозот на стоки од Европската унија во остатокот од светот во февруари изнесува 225,4 милијарди евра, што е за седум отсто повеќе во однос на истиот месец лани, додека вредноста на увозот во ЕУ е зголемена за 7,2 отсто на годишно ниво на 202,4 милијарди евра.

Вредноста на извозот од Европската унија во Соединетите Американски Држави, кој е во центарот на вниманието поради царините на Трамп, се зголеми за 22,4 отсто на годишно ниво на 51,8 милијарди евра, а увозот од САД за 2,4 отсто на годишно ниво на 28,2 милијарди евра.

Според податоците, февруарскиот суфицит на Европската унија во трговската размена со САД изнесува 23,6 милијарди евра.

Новите податоци ќе бидат објавени на 16 мај, според веб-страницата на Евростат, пренесува Танјуг.