Во февруари инфлацијата во Србија била околу 5,5 проценти

15

Гувернерката на Народната банка на Србија (НБС), Јоргованка Табаковиќ, денеска изјави дека во Србија и оваа година продолжува силниот пад на инфлацијата и дека инфлацијата на годишна основа во јануари е намалена на 6,4 отсто.
„Нашата проценка е дека инфлацијата во февруари дополнително се забави на околу 5,5 отсто на годишно ниво“, рече таа.

Гувернерката изјави дека продолжува со внимателни анализи на домашните и меѓународните фактори и, како што нагласи, НБС е подготвена дополнително да дејствува доколку има потреба.

„Повеќе од една деценија НБС ја одржува стабилноста на девизниот курс преку навремени, објективни интервенции на девизниот пазар во двете насоки, што придонесе не само за намалување на базната инфлација, туку и за зачувување на довербата во бизнисот и инвестициите“, рече Табаковиќ.

Според неа, стабилниот девизен курс е клучен елемент на монетарната и финансиската стабилност во Србија и игра важна улога во создавањето поволен амбиент за бизнисмените и граѓаните.

Таа нагласи дека високите девизни резерви се основата на отпорот на земјата на меѓународните нарушувања и дека НБС ќе продолжи да остане посветена на зачувување на стабилноста на динарот во однос на еврото како основа на макроекономската стабилност.