Во Франција од денеска е потребна ковид пропусница за секојдневни активности

77

Во Франција од денеска стапува на сила  мерка со која секојдневните активности како што се одење на кафе или возење со воз, ќе им бидат дозволени само на оние кои ќе покажат потврда дека се вакцинирани, дека прележале Ковид -19 или дека имаат негативен тест за коронавирус.

Построгите правила, вклучително и задолжителна вакцинација на сите здравствени работници до 15 септември, ќе бидат во сила до средината на ноември и ќе важат за сите возрасни лица.

Тинејџерите на возраст од 12 до 17 години ќе треба да имаат таков сертификат до 30 септември.

Од 21 јули, пропусницата е неопходна за влез во културни и забавни објекти, како што се музеи, театри или кина, а од денес е задолжителна и за ресторани, барови и подолги патувања со автобус, воз и авион.

Но, министерот за здравство Оливие Веран во неделата за Le Parisien изјави дека некои правила нема да бидат толку строги како што било планирано, како што е валидноста на негативен тест до 72 часа, наместо 48. Самотестирањето е исто така можно, доколку се изведува под лекарски надзор.

Од 67 милиони луѓе во Франција, околу 63 % примиле барем една доза од вакцината против Ковид-19.

Фото: Pixabay