Во Германија тргнаа првите патнички возови со погон на водород

64

Среде голема енергетска криза, која ќе ги покажа своите вистински заби оваа есен, Германија сега може да се пофали со првиот патнички воз што сообраќа исклучиво на водород.

Возовите наречени Coradia iLint, изградени од компанијата Alstom, превезуваат патници долж линијата во Долна Саксонија. Единствените емисии се пареа и кондензирана вода, а Alstom забележува дека возот работи со ниско ниво на бучава, пренесе SeeBiz.

Неделава почнаа да сообраќаат пет воза, а во наредните месеци ќе бидат додадени уште девет за замена на 15 дизел возови на регионалната линија. Од Alstom истакнуваат дека Coradia iLint има домет од 1.000 километри, што значи дека може да вози на линија цел ден користејќи еден резервоар водород. Поставена е станица за полнење водород на трасата помеѓу Куксхавен, Бремерхавен, Бремерверде и Букстехуде.

Alstom, кој започна со тестирање на возовите во 2018 година, има договори за Coradia iLint на други локации, вклучително и 27 воза во областа Франкфурт, а другите два договори се за региони во Италија и Франција.

Компанијата забележува дека и покрај инсистирањето на електрификација во некои земји, голем дел од европската железничка мрежа долгорочно ќе се потпира на неелектрифицирани возови.

Иако ќе биде потребно извесно време железничката мрежа на континентот целосно да премине кон зелена енергија (под претпоставка дека целосната транзиција ќе се случи во одреден момент), воведувањето на возови со погон на водород е позитивен чекор напред.