Во ХЕ „Шпилје“ лани произведени над 254 милиони киловатчасови електрична енергија, 13 отсто повеќе од претходната година

49

Во хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар, која е дел од хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим“ минатата година произведени се над 254 милиони киловатчасови електрична енергија.

-Минатата година произведени се вкупно 254 милиони и 738 илјади киловатчасови електрична енергија, што во однос на годишниот план претставува остварување за 96 отсто. Споредено со претходната година произведеното е за 13 отсто повеќе, потврдија за МИА надлежните од ЕСМ.

Додаваат дека просечниот дотек на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“ во првите денови од годинава изнесува над 20 куби метри вода во секунда од Црн Дрим (ХЕ „Глобочица“) и над 18 кубни метри вода во секунда од локален слив.

-Во акумулацијата има резерва на вода за производство на 19 милиони и 150 илјади киловатчасови електрична енергија. Моментната кота во акумулацијата изнесува 570,35 метри надморска височина. Нормалното проектирано ниво на акумулацијата е 580 а минималното е 560 метри надморска височина, посочуваат од ЕСМ.

ХЕ „Шпилје“ која првите киловат часови ги произведе на четврти ноември далечната 1969 година, во изминатиот период потврди дека претставува значаен извор на електрична енергија во македонскиот електроенергетски систем.