Во Хрватска цените на недвижностите паднаа за прв пат оваа година

53

Цените на недвижностите растат со години и покрај падот на куповната моќ на граѓаните и најавите дека достигнале врв од кој не е можен понатамошен раст. Но, цените на недвижностите во Хрватска конечно почнаа да паѓаат, за прв пат оваа година.

Просечната барана цена на недвижностите, пишува Лидер, на национално ниво, во јули забележа пад од 2,7 отсто. Падот на цените е видлив во речиси сите жупании, а огласените цени паднаа и на најголемиот пазар на недвижности – Загреб.

Во споредба со јуни, бараните цени на куќите и становите во Загреб се за 2,51 отсто пониски, со тоа што падот на огласените цени на куќите (7,7 отсто) е значително поголем од оној на становите (0,25 отсто). Просечната цена на метар квадратен на куќа во Загреб во јуни изнесувала 1.644 евра, а на стан 2.989 евра, објави Базар аналитика, веб-страница која ги следи и анализира цените на недвижностите, пишува Лидер.