Во јануари скоро 40.000 туристи престојувале во земјава

99

Во јануари годинава земјава ја посетиле вкупно 39.335 туристи кои оствариле 87.107 ноќевања што претставува зголемување за 40 отсто на бројот на туристи и за 33,9 отсто на бројот на ноќевања во споредба со јануари 2021 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, 52,9  отсто од туристите во јануари годинава биле домашни, а 47,1  отсто странски туристи. Од остварените ноќевања 56,5 отсто ги направиле домашните туристи, а 43,5 отсто странските туристи.

При тоа бројот на домашните туристи во јануари 2022 година, во однос на истиот месец лани е зголемен за 19,5 отсто, а на странските за 73,2 отсто. Во овој период домашните туристи оствариле за 22 отсто повеќе ноќевања, а странските за 53,4 отсто во споредба со минатогодишниот јануари.