Во јануари во ЕУ се регистрирани 851.690 нови автомобили – зголемување од 12,1 отсто на годишно ниво

18

Во земјите на Европската унија во јануари се регистрирани 851.690 нови автомобили, што е за 12,1 отсто повеќе во споредба со истиот месец лани, објави денеска на својата веб-страница Асоцијацијата на европски производители на автомобили (ACEA).
Пазарот закрепна од малото забавување во декември минатата година кога бројот на нови регистрирани возила во ЕУ падна за 3,3 отсто на годишно ниво.

Пазарот на автомобили во Германија забележа силен раст на годишно ниво од 19,1 отсто во јануари, како и 10,6 отсто во Италија, 9,2 отсто во Франција и 7,3 отсто во Шпанија. Во јануари, најголем број нови возила на бензин се регистрирани со 35,2 отсто, потоа хибридно-електрични возила (HEV) со 28,8 отсто, автомобили на дизел со 13,4 отсто и електрични возила на батерии со 10,9 отсто.

Бројот на регистрирани електрични возила на батерии се зголеми за 28,9 отсто на годишно ниво на 92.741 автомобил во јануари. Минатата година во Европската унија беа регистрирани 1,5 милиони електрични автомобили на батерии, што е за 37 отсто повеќе отколку во 2022 година.