Во Кина цените на литиумот продолжуваат да растат – над 39.200 евра за тон

16

Цената на литиум карбонатот во Кина вчера достигна ниво од 39.256,37 евра за тон, со што продолжи трендот на постепен раст.

Во текот на вчерашниот ден цената на литиум карбонат се движеше меѓу 38.940,57 и 39.607,36 евра за тон.

Овие бројки сугерираат дека трендот на намалување на цената на литиум карбонатот што започна кон крајот на ноември е обратен.

Вредноста на литиум карбонатот од тој момент постојано паѓа, а дното го достигна на 24 април, кога еден тон литиум карбонат вредеше 21.797 евра, пренесува Танјуг.

Растот на цените на овој метал, кој се користи за производство на батерии за електрични автомобили, се совпаѓа со зголемениот интерес за електрични возила во Кина.

Продажбата на нови електрични возила (NEV) во Кина се зголеми за 110,0 отсто во април во споредба со истиот месец минатата година, според Кинеската асоцијација на производители на автомобили.

Во првиот квартал во Кина се продадени околу 2,2 милиони NEV, што е раст од 42,8 отсто во однос на првиот квартал од 2022 година, пишува China Daily.