Во кои европски земји е најтешко да се купи стан

172

Србија е најнепристапната земја во Европа за купување стан, покажа десеттиот извештај на компанијата Делоит – “Индекс на станбен пазар на недвижности во Европа“. Имено, за еден граѓанин на Србија да купи стан од 70 метри квадратни, му се потребни просечно 15,2 годишни бруто плати, се наведува во извештајот.

По четири години поминати на прво место, Чешка падна на второто место според непристапноста за купување стан меѓу земјите учеснички со просек од 12,2 бруто годишна плата за купување стан од 70 квадратни метри. 

Слично како и минатата година, потенцијалните купувачи во Словачка и Австрија би потрошиле околу десет просечни годишни бруто приходи за да купат стан од 70 квадратни метри. Граѓаните во Израел, Летонија, Словенија, Унгарија и Хрватска треба да потрошат помеѓу 8-10 просечни годишни плати за да си дозволат сопствен стан.

Ако локалните купувачи бараат нов стан во Полска, Романија, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Холандија, Италија и Германија, тие ќе треба да заштедат околу 6-8 просечни годишни бруто приходи. Од друга страна, најприфатливи земји за купување стан за локалните жители се Норвешка, Бугарија, Португалија и Белгија. Во овие земји, стан од 70 квадратни метри може да се купи за 4-5 просечни годишни бруто плати.

Годинешниот извештај ги анализира пазарите на недвижности во следните земји: Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Ирска, Израел, Италија, Латвија, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Србија, Словачка, Шпанија, Обединетото Кралство.