Во колку земји може да патувате без виза со македонски пасош

262

Компанијата Henley&Partners го објави индексот за пасоши за 2023 година.  Henley Passport Index  е рангирање на сите светски пасоши според бројот на дестинации до кои нивните сопственици можат да пристапат без визи. Индексот се заснова на ексклузивни податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) – најголемата и најточна база на податоци за информации за патување – и подобрен од истражувачкиот тим на Henley & Partners.

На најновата листа на земји и територии рангирани според „јачината“ на пасошите, Македонија го зазеде 44-то место од 109.

Земјите се рангирани врз основа на бројот на земји за кои на имателите на одреден пасош не им е потребна виза. Граѓаните на Македонија без виза можат да влезат во 125 земји.

Од земјите од поранешна Југославија, најдобро рангирана е Словенија, на 11-то место, бидејќи нејзините граѓани можат без виза да патуваат во 182 земји. Хрватска е на 18-то место, бидејќи на сопствениците на нејзиниот пасош не им е потребна виза за влез во 174 земји.  Црна Гора е на 45 место, со можност за влез во 124 земји без виза. На 49 место е пасошот на Босна и Херцеговина (влез во 118 земји без виза). Србија ја задржа минатогодишната позиција 38 место, која ја дели со Перу, исто како и во 2022 година. Граѓаните на Србија без виза можат да влезат во 136 земји.

Патничкиот документ на Албанија е на 51. позиција (влез во 115 земји без виза), додека Косово го зазема 101. место, бидејќи пасошот издаден од властите во Приштина дозволува влез во 41 земја.

Прва на листата е Јапонија (влез во 193 земји без виза), додека второто место го делат Јужна Кореја и Сингапур (192 земји). На третото и четвртото место се Германија, Шпанија, Финска, Италија и Луксембург.