Во Косово запленети стотици уреди за копање биткоини

75

Минатата недела косовскиот министер за економија објави дека во земјата ќе биде забрането да се копаат криптовалути оваа зима поради кризата со електрична енергија. Ваквата одлука е донесена во самиот врв на власта, при што е најавено дека спроведувањето на забраната ќе биде строго контролирано. Како што најавија, така и прават – на страниците на косовската полиција може да се најдат неколку објави за заплена на опрема за криптовалути.

Сите три акции се случија на 8 јануари. Првата беше во областа Лепосавиќ, каде полицијата и царината заеднички открија и запленија вкупно 272 уреди од типот Antminer за копање на биткоини.

Истиот ден, косовската полиција објави заплена на дополнителни 39 уреди за ископување криптовалути, откриени во областа на Приштина.

Во третата акција полицијата запре автомобил во општина Вучитрн, исто така во северно Косово, поради сомневање за незаконска активност. Во возилото биле пронајдени шест компјутери со вкупно 42 специјализирани картички за ископ на криптовалути, па таа опрема е одземена.

За постапките на Твитер се пофали и министерката Артане Ризваноли. Таа напиша дека со овие акции на даночните обврзници им се заштедувале десетици илјади евра месечно, но и дека на семејствата од Косово им била обезбедена повеќе струја во зима.

Рударењето на криптовалути е доста популарно во Косово меѓу младите, кои се обидуваат да заработат на тој начин. Во оваа земја струјата е релативно евтина, па рударсењето е поисплатливо, а особено исплатливо за оние кои според некои информации се занимаваат со тоа што воопшто не плаќаат струја.