Во “лов“ по Лукоил и трет американски гигант

Американскиот нафтен гигант Ексон Мобил му се придружи на конкурентот Шеврон во разгледувањето на опциите за купување делови од меѓународните средства на санкционираниот руски нафтен гигант Лукоил, соопштија извори запознаени со ситуацијата.

„Ексон“ разгледува опции за средствата на „Лукоил“ во Казахстан, каде што и американските и руските компании имаат удели во нафтените полиња Карачаганак и Тенгиз, изјавија извори за „Ројтерс“. „Шеврон“, друг партнер во тие проекти, исто така ја разгледува можноста за нивно купување.

„Ексон“ може да разгледа и потенцијална понуда за нафтеното поле „Западна Курна 2“ во Ирак, кое го управува „Лукоил“ и е највредниот имот на руската компанија, изјавија двајца од изворите. Американската компанија долго време беше оператор на соседниот проект „Западна Курна 1“ пред да се повлече минатата година.

„Ексон“ одби да коментира.

Списокот на потенцијални купувачи на глобалните средства на „Лукоил“ расте откако Министерството за финансии на САД во петокот им даде дозвола на компаниите да започнат преговори со „Лукоил“. Овластувањето важи до 13 декември.