Во Македонија нема да се увезуваат „крш„ автомобили, нов удар по џебот на граѓаните

Со новите правила на Европската унија во Македонија нема да може веќе да се увезуваат половни автомобили кои се на крајот на нивниот животен век. Увозниците на стари автомобили велат дека оваа одлука е меч со две острици, од една страна е добро бидејќи граѓаните ќе мораат да купуваат понови автомобили кои помалку загадуваат, а од друга страна ова ќе биде дополнителен удар по џебот на оние кои немаат да си дозволат повеќе од 2.000 евра за автомобил. Во моментов во државата не е можен увоз на возила со еколошки стандард понизок од ЕУРО 4, така што оваа регулатива може да значи укинување на ЕУРО 4 и увоз на возила од 2010 година наваму.

– Кај нас во моментов неможе да се увезе автомобил под 2004 година и сè уште важи ЕУРО 4 стандардот. Така доколку стапи на сила оваа регулатива може да се укине ЕУРО 4 и да може да се увезуваат автомобили само со ЕУРО 5 и 6 стандард. Со оглед на тоа дека границата за ЕУРО 5 е од 2010 година па навака, тогаш во државата ќе се увезуваат само возила стари по 15 – 16 години. Ова одлука е добра, бидејќи нема да може да увезува „кршот„ од Европа, односно стари возила со голема километража. Подобро да се увезуваат понови возила отколку хаварисани кои потоа тука би се поправале и продавале, изјави за „Бизнис Инфо“, Стефан сопственик на автоплац.

Тој вели дека со оглед на моменталната економската ситуација неможе секој да си дозволи да купи понов автомобил. Така најевтиното возило со ЕУРО 5 стандард би чинело од 4.000 до 5.000 евра.

Увозниците на стари автомобили сметаат дека добро е што во државата ќе се увезуваат само автомобили во подобра техничка состојба кои помалку загадуваат и ќе се спречи старите возила да се рециклираат кај нас.

-Сметам дека ова регулатива нема да се примени во пракса затоа што според стандардот македонските граѓани неможе да си дозволат понови автомобили. Овие автомобили би чинеле по неколку десетици илјади евра. Кај нас и за автомобил кој чини 2.000 евра доаѓаат по неколку пати и се мислат дали да го купат, а не па за автомобил од 20, 30… илјади евра. Од друга страна, ЕУ неможе да им забрани на сопствениците да ги продаваат своите автомобили, освен ако се донесе регулатива или закон на ниво на цела ЕУ кои ќе бидат задолжителни за сите. Во тој случај точно ќе биде одредена границата, односно автомобили произведени од таа година нема да може да се извезуваат и ќе мора да се рециклираат на нивните отпади, изјави за „Бизнис Инфо„ Ивица Кимовски сопственик на автоплац.

Ако нашата Влада го промени стандардот и дозволи само увоз на автомобили со ЕУРО 5 стандард, тогаш тоа ќе ги погоди најсиромашните граѓани кои наместо 2.000 – 3.000 евра ќе мора да издвојат дупло повеќе за да си купат автомобил.

Сепак, увозниците на стари автомобили се согласуваат дека на овој начин ќе се спречи увоз на возила од Европа кои се всушност отпад и кои многу загадуваат.

Б.С.