Во март 2026 година минималната плата ќе порасне на околу 26.000 денари

Министерот за економија, Бесар Дурмиши објави дека минималната плата во Македонија ќе се зголеми за околу 2.000 денари во март 2026 година. Според него, овој чекор е дел од планот на Владата за подобрување на животниот стандард и поддршка на работниците со пониски приходи.

Дурмиши нагласи дека Владата работи на усогласување на минималната плата со зголемувањето на инфлацијата и трошоците за живот, со цел работниците навистина да почувствуваат подобрување во семејниот буџет.

Од друга страна, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) продолжува да инсистира на своето барање минималната плата да достигне 500 евра, нагласувајќи дека со сегашното зголемување таа сè уште останува недоволна за покривање на основните месечни трошоци.

Во моментов, минималната плата во земјата е 24.379 денари месечно, додека синдикатите бараат процесот на хармонизација да стане подинамичен и да вклучи формула што реално ги одразува трошоците за живот и инфлацијата.

Дурмиши порача и дека со измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, градиме јасна и транспарентна рамка што го поттикнува економскиот развој, создавањето нови работни места и растот на платите.

-Нашата цел е да привлечеме инвестиции со додадена вредност, кои носат технологија, иновации и поголема продуктивност. Поддршката ќе им се даде на компаниите што инвестираат во преработувачката индустрија, моторот на реалната економија. Законот стапува на сила на 1 јануари 2026 година, а ние очекуваме конкретни резултати за економијата и граѓаните. Министерството за економија и труд ќе обезбеди контрола, транспарентност и одговорност во секој чекор од спроведувањето, посочил министерот.