Во март: Годишен раст од 3,5% на вкупните депозити и од 9,8% на вкупната кредитна поддршка

15

Паричната маса (монетарниот агрегат М3 ), во март 2022 година, забележа пад од 1,8% на месечна основа. Надолната промена во најголем дел е резултат на намалувањето на депозитните пари3 , при забележан помал пад и на долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек, a во услови на раст на краткорочните депозити. На годишна основа, паричната маса е зголемена за 4,0%, главно поради растот на краткорочните депозити, при позитивно влијание и на депозитните пари, во услови на забележан пад кај долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек

Вкупните депозити , во март, се намалени за 1,7% на месечно ниво, како резултат на падот на депозитите кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“. На годишно ниво, вкупните депозити бележат раст за 3,5%, којшто во услови на зголемување на депозитите кај двата сектора, е поизразен кај секторот „домаќинства“. ‒ Во март, кај вкупните кредити е забележан месечен раст од 1,7%, при годишен раст од 9,8%, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена се под влијание на растот на кредитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај корпоративниот сектор.

Во март 2022 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор се намалени за 2,4% на месечна основа. Притоа, надолната промена во најголем дел се должи на падот кај депозитните пари, при забележан пад и на долгорочните депозити во странска валута и краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат раст.

На годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор забележаа раст од 3,9%, којшто пред сѐ произлегува од зголемените краткорочни депозити во странска валута, при позитивен придонес и на депозитните пари, а во услови на пад на краткорочните и на долгорочните депозити во денари. ‒ Кредитите на корпоративниот сектор , овој месец, бележат раст од 2,4%, којшто во услови на зголемено кредитирање во денари и во странска валута, е малку поизразен кај кредитите во странска валута. Годишниот раст изнесува 11,9% и во поголем дел се должи на повисоките кредити во денари.

Во март, вкупните депозити на домаќинствата се намалени за 1,8% на месечно ниво. Надолната промена е резултат на падот на депозитните пари, краткорочните и долгорочните депозити во денари, додека краткорочните и долгорочните депозити во странска валута забележаа раст. Депозитите на домаќинствата бележат годишен раст од 3,9%, во најголем дел поради зголемените краткорочни депозити во странска валута, при помал раст и на долгорочните депозити во странска валута, во услови на остварен пад на долгорочните и краткорочните депозити во денари. ‒ Вкупните кредити на домаќинствата, овој месец, бележат нагорна месечна и годишна промена од 1,1% и 7,9%, соодветно. Анализирано според валутната структура, растот на месечна и на годишна основа се должи на повисоките кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.

Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во март, кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, е забележан месечен раст од 1,0% и 1,5%, соодветно, при годишен раст од 7,1% и 15,8%, соодветно. По падот во претходниот месец, автомобилските кредити и кредитите одобрени на кредитни картички, овој месец, се повисоки за 0,9% и 0,7% на месечна основа, соодветно, додека на годишна основа бележат пад за 13,5% и 4,1%, соодветно. Во март, кај негативните салда на тековните сметки е остварен месечен и годишен раст од 1,1% и 0,7%, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи се намалени на месечно и на годишно ниво за 2,3% и 32,9%, соодветно.