Во март ќе се објави нов повик за субвенции на авиокомпании

117

Во моментов течат роковите за жалби по однос поништениот Повик за субвенционирање летови од двата аеродроми во земјата и очекувам на почетокот на наредниот месец да биде распишан нов повик, истакна денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Бочварски од Охрид појасни дека Комисијата што работи на подготвувањето на постапката ќе работи активно да им помогне на заинтересираните компании да достават целосна и комплетна документација со цел успешна постапка.

– Генерално остануваат истите услови и се она што било нејасно или предизвикало можна одредена дилема кај понудувачите да биде разјаснето, за потоа да може да биде распишан повикот и да биде успешен, рече Бочварски.

Согласно Уредбата, станува збор за средства од пет милиони евра, распределени во три години, за 2023, 2024 и 2025 година.

– Можам само да повторам, и овој пат нема да се држиме за избор на една компанија, туку секако нашиот интерес е да влезат повеќе компании во авиосообраќајот, рече тој.

По однос висината на субвенциите, министерот појасни дека се работи за износ усогласен со Европската комисија и согласно европските регулативи.