Во насока на ЕУ: Еврото може да стане главна референтна валута на Украина

Гривната го менува партнерот – еврото му се приближува, доларот се оддалечува

Во сенка на војната и интензивните преговори со Брисел, Украина наскоро би можела да направи една од најзначајните економски промени во својата понова историја: еврото би можело да стане новата референтна валута наместо американскиот долар, кој ја држеше таа позиција со децении.

Веста ја потврди гувернерот на Народната банка на Украина, Андриј Пишни, во интервју за Ројтерс, посочувајќи дека овој потег се разгледува во контекст на продлабочување на односите со Европската Унија, како и поради зголемената нестабилност на глобалните пазари.

„Потенцијалното членство во ЕУ, улогата на Европа во нашата одбрана и економската фрагментација во светот – сето ова нè тера да се запрашаме: дали еврото е всушност поприроден партнер за нашата гривна отколку доларот?“ рече Пишњи.

Таквата промена, иако техничка, би имала силна политичка симболика: преминот од доларот кон еврото во позадина на националната валута би бил еден од најконкретните потези кон идна интеграција со Европската Унија – дури и пред самото членство.

Пишњи предупреди дека станува збор за „сложен и повеќеслоен процес“, кој бара темелна анализа и внимателно спроведување. Во секој случај, преминувањето кон еврото како референтна валута би бил јасен сигнал за тоа каде Украина ја гледа својата иднина – веќе не помеѓу Исток и Запад, туку цврсто во европската економска орбита.