Во недела почнува пописот

119

Во недела, на петти септември, со почеток во осум часот наутро, почнува Пописот на населението, становите и домаќинствата во земјава. Подготвителните активности за Пописот на населението, домаќинствата и становите се целосно завршени и Државниот завод за статистика информира дека е целосно подготвен за отпочнување на најголемата и најзначајна статистичка операција, што по речиси 20 години е предвидено да се спроведе во земјава од петти до 30 септември годинава.

Властите велат дека се е подготвено да почне и да се одржи пописот, и не се очекуваат никакви проблеми. Најавуваат дека има решение и за оние граѓани кои не сакаат да примат невакцинирани попишувачи, и оти ним ќе им бидат испратени вакцинирани.

“Имаме јасни и прецизни КОВИД-протоколи кои мора и ќе се почитуваат. Тоа е наша обврска, но и гарантираме дека протоколите максимално ќе се почитуваат. Ќе сносиме одговорност ако тоа не се случи, рече директорот на ДЗС, Апостол Симовски, нагласувајќи дека ова е задолжителна активност и обврска на сите.

За попишувачи аплицирале речиси осум илјади луѓе, а како што информира Симовски, точната бројка на попишувачи кои евентуално би недостигале, ќе се знае откако ќе се спроведе тестирањето на кандидатите.