Во Охридскиот регион ќе се градат четири нови мини винарии

42

Во охридскиот регион ќе никнат четири нови винарии, како дел од проектот на Владата за изградба на мини-винарии. Винариите ќе се градат со цел за подобрување на севкупната туристичка понуда на земјата, но и како можност за отворање нови работни места.

Зоран Коњановски заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој работно престојува во Охрид, изјави дека минатата недела по пат на јавно наддавање биле продадени четири локации во атарот на охридското село Мешеишта, кои се предвидени за изградба на такви објекти.

Се работи за четири парцели државно земјиште, со површина од околу 25.000 метри квадратни.

“Таквите објекти ќе значат дополнителна туристичка атракција за Охрид, но и начин за поттикнување на стопанството оттаму што новите сопственици на парцелите планираат во секоја од мини-винариите да вработенат по 25 лица”, додаде Коњановски.

Како што најавуваат инвеститорите, изградбата на новите мини-винарии е предвидена да започне со почетокот на наредната градежна сезона.